Aug 12, 2014

Соништа

Learning Circles се вечери кога се собиреме со автентични и искрени луѓе и разговараме за некоја тема. Пред некоја вечер темата беше "соништа", па разговаравме различни теми и дојдовме до интересни сознанија. Во текот на вечерта, споделувавме соништа, разговаравме за значењето на сонот, различните аспекти од соништата, соништа пред важни животни моменти, читање на пораките од соништа, репетитивни соништа кои сме ги имале и значењето на истите во тоа време. Забелешки и размислувања кои ги запишав се следните:

Кога сонуваме влегуваме во нашиот подрум (подсвест) и разговараме со човечето кое го живее другиот свет. Другиот свет се сите оние саати кои човекот ги поминува кога спие. Човечето има некоја порака која сака да ни ја пренесе и многу е важно да ја запишеме емоцијата (чувството) на сонот во моментот на сонување за да можеме да ја разбереме пораката. Излезе интересно прашање, ако сонот е комуникација и пренесување порака, дали комуницираш и со оној кого го сонуваш? Дали му пренесуваш некоја порака? Тоа значи дека има сосем друг паралелен свет во кој комуницираме?

Го споделив мојот последен сон и сфатив дека сум во период на развивање на својата лична визија. Како што другарка ми рече, сум бил во фаза на освестување на своите потреби. Кои потреби имаш потреба да ги освестиш Тони? - ме праша. Дисциплина, сигурност и љубов - одговорив. Се подзамислив и сакав да разберам како овие потреби се поврзани со моите лични вредности, интегритет, семејство и различност. Па, логиката излезе вака. Дисциплината имплицира на одговорност, само-контрола, истрајност, односно интегритет. Сигурноста е поврзана со најблиските (семејството и пријателите) и имплицира стабилност и доверба. Њубовта е поврзана со различноста. Мое разбирање на љубовта е блиска на Ерих Фром (се разбираме со човекот), и во неа не спаѓа само еротската љубов, туку потребата за давање и придонес кон заедницата, браќата и сестрите, односно поврзување и придонес кон нешто поголемо од себе.

Потоа продолживме со споделuвање и отворање прашања и дојдовме до една мисла, која ја запишавме и вели: "Your past holds your future a hostage". До оваа констатација стигнавме разговарајќи за егото. Првин, се согласивме дека за терминот его може да се има различно разбирање. Моето разбирање за егото е според Стивен Кови и поделбата на его и дух. Егото го има пониските потреби, духот ги има повисоките потреби. Многумина го разбираат егото во контекст на Фројд, и тоа ид, его и суперего. Во секој случај, се согласивме дека кога зборуваме за ЕГО всушност мислиме на СУЕТА. Всушност, како што стануваме постари ни се зголемува суетата, а тоа главно поради искуството кое го имаме, ставовите кои ги зацврстуваме и нелагодното чуство некој да те убедува обратно. Стануваме ригидни на промени, нетрпеливи за вистинско слушање и затворени и осетливи при примање критика. Што поголема суета, толку повеќе минатото ни ја држи иднината како заложник. Не ни дава да се отвориме кон автентично живеење и прифаќање со искрено срце на промените (еволуцијата) која е неизбежна.

Наредна тема која произлезе од разговорите за соништата беше, дали очекување на еден балкански маж за жената е да биде послушна? И што значи тоа? По неколку минутна дебата, се заклучи дека послушноста е најтесно поврзана со тактичност, трпение и мудрост како очекувани квалитети кај балканската жена, за да може да го има своето рамноправно влијание. Факинг булшит - искоментира другарката. Јебига, Балканот е така кроен векови наназад и тоа се провлекува и ден денес, жената мора да знае во кои моменти да му дозволи на мажот да се почуствува "алфа" мажјак, и тактично да премолчи за да не ја направи премногу гласна дискусијата. Сепак ќе му докаже дека не е во право, со дела или во друга посмирена ситуација. Затоа, тактичност е важна. Одбери го правото време за пренесување на пораката. За жал, иако кај нас многу мажи, интелектуалци, со "модерни" сфаќања елоквентно зборуваат за демократски принципи и еднаквост кај мажите и жените, сепак во подсвеста уште доминираат предците од претходните генерации со нивните стравови и потреби и преовладуваат во секојдневното однесување на многу мажи во комуникација и очекувањата кон жените. Ќе бидат потребни многу генерации за свеста колективно да се смени и да еволуира во култура на еднаквост и почит.

Ете, до какви размислувања и заклучоци не доведоа соништата. Се надевам некои од речениците ви поттикнаа на размислување или ви дадоа друга перспектива. Бидете спремни на следниот разговор со подсвеста и размислете за тоа што има човечето да ви каже, ако ништо друго ќе ви даде интересна тема за разговор со самите себе или некој друг;)

Добра ноќ и sweet dreams:)
Т